top of page

ДУША ОД ВТОР РЕД

Не ми ја соголувај душата 
- веќе ти реков

Ми рече ли ?  - глас  ми прошепоти од страна.

Соблечи ми ја и мојава,
да заиграме танго
без да сакаме,
без да се прегнеме.

Сакај ме,
без да ме болат допирите од рацете твои,
душава  да ми ја покриеш
очите  да сакаат да гледаат
без да ја кажат приказната.


Прегни ме,
без да ме прашуваш кој сум
ако сакаш да ми одлеташ
остави ми нешто од тебе,
остави ми ги зборовите
ако имам сила да пуштам вик.


Ме прегна ли најсилно ? – глас ми ја обзема душата

Не успеав да ги видам очите твои
се плашев од себе,
а, сакав барем сенката моја да те прегне.
Бездруго,
осветли си го патот, не врти се.

Мојата душа е празна, без смисла
ми треба твојата
ми требаат нашите очи
без да сакам и да бидам свој,
месечино без темни облаци,
и вие птици без јато
- прегнати од времето,
заробени во себе.

До кога? – си прошепотев сам, сакајќи да потонам во сон.
 

bottom of page