НОВА КНИГА
ЕГО


ЌЕ МИ ВЕТИШ ЛИ?
И уште трипати да ми ги искубеш влакната
зачувај дел за себе
ќе ти се најде низ земјава пуста.
Можеш слободно да ме прегнеш
без да ми ја милуваш душата
ако во себе
човекот ти буди радост
живеј - исто ко да си спомен.
Не барај огледало
душата чиста ми е
ако не броиме дека неколкупати се убив
без да сакам.
Иако на полупат мртов
вечен простор ми беше душата твоја
а, попат птиците ми џагореа
а в душа детски глас небаре бранува ритам.
За милост немам што да оставам
освен – благодарам
ако имаш каде да запишеш
оти раката ишкртана ти е цела.
Може ќе успееш да запамтиш
ако некогаш зборовите допрат до тебе
исто како моите ладни раце
- а знаеш, душата топла ми беше.
Посакај си добра ноќ
пред да се прегнам јас
ако приквечер
телото ладен ветар ти го допира.
И, секогаш кога кинеш дел од себе
кини и за мене
исто како што и јас ја откорнав кожата своја
облекувајќи ја твојата.
Дојди си на себе,
пред да дојдеш до мене.
Вети си.