top of page

ИСПОВЕД

Не ми се бега од кожата своја,
иако лицето и брчите на него
милост ми носат
- душата некаде попат ја заборавив.



И, сакав сега јас да кинам дел по дел
кожата како сако да ја соблечам
да се обидам да ја закачам
нека ја одвее ветрот.

Ќе ми ги одвее ли  приказните?


И реков, гледај твоите очи
не се плашат,
не ти трепери телото пред огледало
немаш никаков  грев,
освен што честопати се уби себеси.

Не ги слушај гласовите во далечина
не ќе дојде никој да ти помогне,
сам стана скитник
сам тргна да бидеш патник.


А, ќе има уште потешки денови
ќе сакаш да се прегрнеш дури и сам
но рацете ќе ти  бидат прекратки
- а, веќе друга доба ќе ти раскажува приказна.


Од страв, полека тивко умирам,
не од тебе, ниту од себе,
од сочевите зраци да не продрат
да ми го запалат огнот в гради.

И, тишината ништо паметно не ти кажува,
сам си, свој си -  соблечи ја насмевката
биди што си во твоите воздишки
- потсети се на себе  без да гледаш наоколу.

 

Нека не ти трепери цело тело,
и онака  лицето ти го покрива дождот,
и онака си сам како што сакаше.

Ти се наполни ли душата
или  очите не ти се затвараат до наутро?

bottom of page