top of page

ПТИЦА

Се плашев од последната ми нота
- ми ја раштимаа и неа
ми ја засвиреа погрешната песна
без да ја наштелуваат со мене.
 


Ќе речев сакав да пеам
- гласот не го разбираше јазикот на кој свиреа
а, јас пеев секојдневно
пеев на глас во себе
- викав без да чуе никој.

 

Од очите, можев да си посакам
да  те галам со погледи,
без да те допирам
без да оставам лузни
- а, ти ми ја запеа песната без да ме погледнеш во очи.


Сакав да се погледнам неколкупати
во огледало,
без да бидам себичен,
оти твето тело на моето оставило трага.
 

Допири што болеа, кармин што не се брише
љубов а  без љубов љубена,
приказна без тебе разкажана
- дојди да го  довршиме крајот.

 

Дојди, прегни ме без да види никој
покриј ми го лицето
дозволи ми уште еднаш да ја помирисам косата твоја,
дозволи ми да заспишеш на гради
да те гледам дури заспиваш,
- да го почувствувам твоето дишење
со сите стравови во него,
-дојди, тргни ми ја оваа ладна ноќ
никој нема да те замени
макар да се разбудам со
дваесет исти како тебе.


Сакав да знам во кои ноќи ме остави
без да имам мастило во рака,
а, зборовите молчеа
-  без страв од љубов, а со љубов посакани беа.


Сите линии одамна ни ги подвлекоа
дури чинам дека и топлите ветери
само  уште повеќе ми ги разгалуваат усните
без да сфатам
- секоја лага, како стар пријател ме прегнува
частејќи се и двајцата си играме „јас никогаш’’

 

Изгледав премногу јак,
а имав кревка душа
исто како што ми ја соблече кожата
а, на мене буден ми го остави твоето ладно тело.

 

Да, знаеше дека ќе ми трепери телото
ќе ме покриеше ли со карминот твој
или ќе оставеше ветрот да ми ја одлета и последната птица?

bottom of page